Mozilla започна да води разговори со неколку мобилни оператори околу имплементирање на нивниот прелистувач Firefox и на мобилните телефони. Тие се надеваат дека ќе го протресат мобилниот пазар, исто како што го направија тоа во 2004. со нивната десктоп верзија.
Според зборовите на Мајк Шрофер, еден од главните инженери во оваа компанија, мисијата на Mozilla е да го "отвори затворениот мобилен пазар", но исто така потенцирајќи дека тие се свесни дека тоа не може да се стори преку ноќ и дека за успех е потребно време и трпение.
Првата верзија на Firefox прелистувачот за мобилни се очекува да се појави кон крајот на ова година, секако, во две верзии - една за Linux и друга за Windows Mobile. Што е најбитно за нас, "лисицата" ќе остане бесплатна.
Тоа пак, претставува потенцијална "опасност" за некои оператори, кои заедно со произведувачите на мобилни телефони ги контролираат апликациите и сервисите и на тој начин ја покачуваат својата заработувачка. Во Mozilla остануваат ладнокрви на ова прашање, затоа што веруваат дека нивниот бесплатен прелистувач единствено може да го покачи бројот на интернет корисници кои користат мобилни телефони.